Синдикат на МНР: Злоупотреби на амбасадите за изборите
Дипломатскиот синдикат тврди дека поседува Фејсбук пораки доставени до дијаспората, со кои биле поттикнувани за пријавување за да гласаат за престојните парламентарни избори, или некој тоа да го направи во нивно име.

Синдикатот на дипломатијата обвинува за злоупотреба на Амбасадата во Париз за партиски предизборни цели. Тврдат дека поседувале Фејсбук пораки доставени до дијаспората, со кои биле поттикнувани за пријавување за да гласаат за престојните парламентарни избори, или некој тоа да го направи во нивно име. Во периодот што следи, дипломатско-конзуларните претставништва ќе биле под лупа на Синдикатот на македонската дипломатска служба, велат оттаму.
Дипломатскиот синдикат побарал од министерот за надворешни работи да го истражи овој случај, а за истиот оствариле средба и со дополнителниот заменик- министер за администрација, Кирацовски.
Кирацовски имаше средба и со министерот Спасовски, на кого му предаде документи добиени од вработени во администрацијата преку веб- страница за пријавување злоупотреби во предизборниот период.
Според него, тие укажувале на индиции дека раководни кадри во институциите ја злоупотребиле службената положба за партиски цели, влијаејќи врз вработени во администрацијата да присуствуваат на партиски митинзи и да го дадат својот глас за одредена партија на изборите.
Спасовски ветил дека МВР ќе ги провери индициите наведени во документите и ќе постапи согласно своите надлежности.
Наташа Гркова- Петрушевска
