Трудовата инспекција го „чешла“ Кривичниот суд

17.11.2016 16:36

Трудовата инспекција се заинтересира за тоа што се случува во Кривичниот суд. Гипроверуваат наводите на еден од учесниците во тепачката што се случи деновиве дека бил деградиран од претседателот на судот. Неговите надредени негираат и го обвинуваат за недоволна ангажираност на работното место.

Трудовата инспекција влезе во Кривичниот суд откако Горан Стаменковски поднесол пријава, вработениот кој како што информираше судот пред два дена, имаше инцидент со портпаролката. Од скопска единица потврдија дека инспекторите од изутрината го чешлале судот проверувајќи ги наводите на Стаменковски, кој тврди дека бил деградиран во службата. Во соопштението на судот се посочува дека на инспекторите им било појаснето оти Стаменковски бил унапреден и било формирано Одделение за човечки ресурси, но тој до сега не изготвил никаков план, ниту програма за работа за потребите на 400 вработени во судот.

Постапките на Стаменковски, тврдат од судот, довеле до нарушување на меѓучовечките односи заради што е поведена и дисциплинска постапка која може да резултира и со кривична одговорност.

Со соопштение се огласи и Стаменковски. Посочува дека откако е назначен на работното место Раководител за човечки ресурси, не бил повикан ниту од претседателот ниту од администраторот да учествува во изготвување на програма бидејќи неа, како и работните задачи ги составува претседателот на судот.

Како раководител имам должност, стои во соопштението, да ги спроведувам задачите со кои ќе бидам задолжен од претседателот на судот. Стаменковски посочува дека откако го добил решението по барање на претседателот, останал во Одделението за организиран криминал сѐ до моментот кога претседателот на судот Панчевски не добил информации дека тој учествува на протестите на „Шарената револуција“, по што почнала, како што тврди, одмаздата спрема него.

Кривичен потврди дека уште 11 судски службеници му упатиле писмо на Панчевски во врска со зголемувањето на нормата од 300 на 400 решени предмети. Што, пак, според судот, претставува редовна процедура со цел ефикасно и навремено решавање на предметите и совладување на приливот, што подоцна се цени во годишниот извештај за работа.

Во Судскиот совет, пак, сѐ уште не е разгледувано известувањето што го добија од 13 судии кои се пожалија на работата на претседателот Панчевски. Првиот човек на Судскиот совет, Караџовски за МТВ изјави дека нема нови дејствија за споделување со јавноста во врска со случувањата во најголемиот кривичен суд во земјава.

 

Фиљана Кока