25 години од првиот македонски Устав
Република Македонија денеска го одбележува јубилјот- 25 години од донесувањето на Уставот на Република Македонија.

Највисокиот државен акт го донесе првиот состав на повеќепартскиот парламент во 1991-та година. Првиот Устав на независна и самостојна Македонија, документ според кој се препознава државноста во меѓународни граници, денеска го одбележува сребрениот јубилеј од неговото изгласување. Неговите постулати се засноваат врз вековната борба на македонскиот народ и сите етникуми во земјата, произлезени од Крушевската Република и од АСНОМ.
Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив, е нагласено во првиот член на Уставот на државата, донесен во бурните времиња на 1991-ва.
Сенка врз настаните со кои се поставија темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на новиот Устав од пратениците албанци. На референдумот му претходеше Декларација за Независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25-ти јануари 1991-ва година. Меѓународно-правниот субјективитет на државата, дефинитивно беше потврден на 8-ми април 1993-та година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите Нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на светската организација.
Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна Југословенска Република Македонија. Под покровителство на ОН, Скопје и Атина почнаа разговори за решавање на проблемот што го има Грција со уставното име на Македонија, кои траат до ден денеска.
Инаку, конститутивниот акт е неколку пати дополнуван, а најголемите измени ги претрпе пред 15 години, кога со 18 амандмани беше ратификувано завршувањето на конфликтот во 2001-та.
Мирјана Василева
