„Златна мачка“ за краткиот филм „Борба за смрт“ на фестивал во Измир
Ова е втора награда за филмот откако во септември ја освои Специјалната награда за најдобра машка улога на филмскиот фестивал во Драма, Грција.
Краткометражниот филм „Борба за смрт“ по сценарио и во режија на Елеонора Венинова доби награда „Златна мачка“ за втор најдобар филм во меѓународна конкуренција на Филмскиот фестивал за краток филм во Измир, Турција. Ова е втора награда за филмот откако во септември ја освои Специјалната награда за најдобра машка улога на филмскиот фестивал во Драма, Грција.
Публиката одлично реагираше на филмот. Она што ги плени е едноставноста на приказната, хуморот, но и апсурдноста на самата ситуација со која се поистоветуваат гледачите од различни земји и култури, изјави продуцентот на филмот Гоце Кралевски, кој ја прими наградата во Измир.
Се работи за парадоксална драма во која двајца старци се расправаат за последното гробно место во едно запустено македонско село. Филмот се снимаше минатото лето во мариовското село Кален. Досега е прикажан на дваесетина фестивали низ светот, а е селектиран и во официјална конкуренција на уште три - во Шпанија, Колумбија и во Индија.
