Русија ги изврши првите напади од „Адмирал Кузњецов“
Рускиот министер за надворешни работи Лавров, уверува дека нападите се насочени само во провинциите Идлиб и Хомс, непосредно по објавувањето на информацијата за голем број жртви во источниот дел на земјата. Со американскиот државен секретар Џон Кери разговарале за ситуацијата во Алепо...

Русија ги изврши првите напади во Сирија со авиони кои летнаа од базите на рускиот носач „Адмирал Кузњецов“ стациониран во сириските води. Цел на нападите беа позициите на Исламска држава и фронтот Ал-Нусра. Бомбардиран е и источниот дел на Алепо каде што, според бунтовниците, се уништени болница и амбулантни возила.
Рускиот министер за надворешни работи Лавров, уверува дека нападите се насочени само во провинциите Идлиб и Хомс, непосредно по објавувањето на информацијата за голем број жртви во источниот дел на земјата. Со американскиот државен секретар Џон Кери разговарале за ситуацијата во Алепо, вклучувајќи ги и повторните воздушни удари врз тој сириски град неделава. Лавров истакна и дека руските и сириските сили работат заедно единствено за да ја спречат Исламска државакоја бега од ирачкиот град Мосул, да премине во Сирија. Ројтерс потсетува дека во воздушните напади и гранатирањето на Алепо, кој е во рацете на бунтовниците се убиени десетици луѓе неделава.
Во меѓувреме, Советот за безбедност на Обединетите Нации за една година ги продолжи надлежностите на заедничкиот механизам на Обединетите Нации и Огранизацијата за забрана на хемиско оружје за истражување на хемиските напади во Сирија. Во резолуцијата, која беше едногласно усвоена се посочува дека најостро се осудува користењето токсични хемикалии како оружје во Сирија и се нагласува дека земјата нема да користи, разработува и да добива на каков било друг начин, да складира или да чува хемиско оружје.
Марина Автовска
