Бизнисмени тврдат дека се жртви на измамничка шема
Бизнисмени преку „Транспаренси интернешнл“ се пожалија дека биле жртви на измамничка шема. Тврдат дека се оштетени од деловните банки. Дел од посочените банки, тврдат дека вакви прашања не се решаваат преку трибини, туку во судска постапка.

Бизнисмени кои биле дел од измамничка шема за одобрување на кредити во Комерцијална банка сега се во судска постапка со банката, информираат од „Транспаренси интернешнл“. Според Тасева се испумпувале пари преку фиктивни кредити од сметките на солвентни компании. Посочуваат дека инкриминираните дејствија траеле од 2004-та до 2014-та, трансакциите биле контролирани од лица вработени во банките.
Од Транспаренси посочуваат дека во изминативе месеци до нив имало пријави од оштетени бизнисмени од деловни банки. Бизнисмените тврдат дека без нивно знаење на трансакциските сметки поминувале пари од една на друга компанија. Истите велат дека банките не им помагаат во работењето туку напротив се во лоша економска состојба поради нивното незаконско работење.
Во писмената реакција од Комерцијална банка се вели дека прашањата за кои се залага „Транспаренси интернешенл“ не се решаваат на трибини, туку во судски постапки, а конкретните предмети се во предистражна постапка. Секое паушално пренесување на „личните“ вистини го сметаат за неодговорен и тендециозен чекор.
На Комерцијална банка, согласно законите не и е дозволено да изнесува во јавност податоци за трансакциите и деловните односи со клиентите. Од овие причини не се впуштаме во докажувања, прераскажувања и толкувања на постапки и активности на наши коминтенти, велат од Комерцијална банка. Веруваме дека надлежните органи ќе дојдат до вистинските одговори на прашањата со кои се занимава Транспаренси Македонија. Од банката ги упатуваат сите засегнати страни да побараат заштита на своите права пред надлежните судски и други органи.
Досега една Кривична пријава за овој предмет е отфрлена од Јавното обвнителство. Вишото обвинителство и ја вратило на разгледување и сега е во фаза на вештачење.
Дијана Ценевска
