Утврден редоследот на гласачкото ливче
Државната изборна комисија со жребување го утврди редоследот на гласачкото ливче за предвремените парламентарни избори на 11-ти декември. В недела учесниците на изборите ќе го потпишат кодексот за фер и демократски избори, в понеделник почнува изборната кампања.

Државната изборна комисија со жребување го одреди редоследот на кандидатските листи на коалиции и политичките партии на гласачкото ливче, кои што ќе учествуваат на предвремените парламентарни избори на 11-ти декември.
Под реден број еден на избирачкото ливче е Коалицијата За подобра Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, под редниот број два е Демократската партија на Албанците (ДПА), тројка е за Демократската унија за интеграција (ДУИ), а редниот број четири го извлече Коалицијата предводена од СДСМ. Под број пет на избирачкото ливче ќе биде Коалицијата „За промени и правда- ФРОДЕМ, ДЕМОС, ДС, МОРО-РП, шеста ќе биде Партијата за демократски просперитет (ПДП), седма Коалицијата „Алијанса за Албанците“, осма Либералната партија, деветта ВМРО-за Македонија, десетта на избирачкото ливче ќе биде движењето БЕСА, а 11-ката ја доби политичката партија Левица. Под овие броеви коалициите и политичките партии ќе настапуваат во сите изборни единици.
Чичаковски најави дека во недела коалициите и политичките партии кои ќе учествуваат на изборите треба да потпишат Кодекс за фер и демократски избори. Изборната кампања за предвремените парламентарни избори почнува во понеделник, 21-ви ноември и ќе трае до 9-ти декември 2016 година на полноќ.
Игор Панов
