Идеални услови за садење овошки

21.11.2016 10:08

Ниските утрински температури нема да им наштетат на посевите и на насадите. Агрометеоролозите велат дека неделава има идеални услови за садење на овошки и лозја. За сеидбата на пченицата која треба да заврши се препорачува употреба на поголеми количества на семенски материјал.

Стабилното и ведро време е очекувано во овој период од годината и нема негативно влијание врз земјоделските култури заради поголемата издржливост на есенските веќе поникнати посеви или оние во фаза на поникнување.

Утринските студови го успоруваа развојот, но сепак сеуште се сее и се препорачува употреба на поголеми количества на семенски материјал, заради опасноста да не поникне секое зрно.

Дневните температури во текот на неделава од околу 15 степени ќе овозможат и загревање на површинскиот слој на почвата а со тоа и нормален развој на вегетацијата.

Со паѓањето на листовите и високата влага во почвата се создадени одлични услови и за садење на овошки од сите видови, што се должи на релативно високите дневни температури за овој период од годината.

 

Методија Трајков