Саркози елиминиран на прелиминарните избори на десницата
Никола Саркози елиминиран на прелиминарните избори на десницата за претседателски кандидат на Републиканците. За вториот круг кој се одржува идната недела, убедливо води поранешниот премиер Франсоа Фијон, пред исто така поранешниот премиер Алан Жупе.

Изненадувањето беше големо, најпрво мобилизацијата на гласачите, околу 4,5 милиони французи излегоа да гласаат за кандидатот на десницата. Второто изненадување е елиминацијата на Никола Саркози, која го лишува претседателот Франсоа Оланд од својот најомилен противник. Третото изненадување е широката победа на аутсајдерот, Франсоа Фијон кој освои 44,2% од гласовите.
„Сакам да им честитам на Франсоа Фијон и Алан Жупе, кои се квалификуваа за вториот круг, тие се личности со голем квалитет кои и служат на чест на француската десница. Многу го ценам Алан Жупе, но политичките избори на Франсоа Фијон ми се многу поблиски. Избирачите кои ми изразија доверба тоа го сторија по слободна волја. За мене е дојдено времето да се зафатам со приватен живот, со повеќе приватни и помалку јавни страсти“, изјави Никола Саркози.
Никола Саркози, кој освои само 20,6% од гласовите директно не кажа дека се повлекува од политиката. Останатите четворица други кандидати сите освоија под 3% од гласовите. Победникот, поранешниот премиер Франсоа Фијон, е инкарнација на традиционалната француска десница.
„Им благодарам на оние кои вечерва ми ја дадоа подршката и имам посебна почит кон Никола Саркози, кој беше претседател на Франција. Мојата кампања ќе се засили, ми останува една недела за да ве убедам сите, без разлика за кого гласавте, дека заедно ќе изградиме силна атлтернатива за Франција“, изјави Франсоа Фијон.
Алан Жупе, кој освои 28,5% од гласовите, според медиумите се двоумел дали да ја продолжи предизборната трка за кандидатурата на Републиканците по вчерашната убедлива победа на Франсоа Фијон.
„Одлучив да ја продолжам борбата, за сите што веруваат во мене, за моите убедувања и за идејата која ја имам за Франција. Утре започнува борба на проект против проект. Првиот круг претставува изненадување. Идната недела, ако сакате и вие, како што посакувам и јас, ќе има друго изненадување“, рече Алан Жупе.
Приврзаниците на Жупе започнаа да ја чешлаат и систематски да ја напаѓаат програмата на Фијон. На надворешен план тие го обвинуваат дека е многу проруски настроен, на внатрешен план дека неговата економска политика која предвидува зголемување на ДДВ-то за 2 поени, најмногу ќе ги погоди сиромашните французи.
Канидатот на Републиканците ќе биде познат во недела навечер по вториот круг на гласање, по една недела на митинзи и телевизиски дуел во четврток навечер.
Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ
