За сите граѓани со право на глас, промовиран „Изборен компас“

21.11.2016 13:13

Идејата за оваа апликација е да им овозможи на граѓаните да ја споредат сопствената позиционираност со позиционираноста на партиите кои дејствуваат на политичката сцена.

На граѓаните од денеска до денот на предвремените парламентарни избори им е достапна бесплатната он-лајн апликација „Изборен компас 2016 Македонија“. Идејата за оваа апликација е да им овозможи на граѓаните да ја споредат сопствената позиционираност со позиционираноста на партиите кои дејствуваат на политичката сцена.

Целта на алатката www.izborenkompas.mk е да им помогне на граѓаните да ги испитаат своите политички ставови и да видат до која политичка партија или коалиција се најблиску во овој изборен циклус, односно да добијат компаративна слика за нивните позиции, изјави Олимпија Христова- Заевска, од невладината „Импакт“.

Ваква алатка, посочи, веќе е користена во Холандија, Велика Британија, Велс и на неодамнешните избори во САД, а наскоро ќе се користи и на изборите во Романија, Франција и Шпанија.

Од невладината „Импакт“ велат дека по 30-те прашања изборниот компас ги споредува преференциите на анкетираниот граѓанин и достапните ставови на партиите од нивните платформи.