Иванов: Мигрантската криза допрва почнува
Македонскиот претседател, Ѓорге Иванов е прогласен за почесен доктор на науки на Бугарската академија на науките. Пред академиците во Софија говореше за мигрантската криза. Предупреди дека на границите на Европа има над 20 милиони мигранти, повика на соработка меѓу државите.

На надворешните граници на Европската унија се наоѓаат околу 20 милиони потенцијални мигранти, затоа може да се каже дека мигранската криза допрва почнува, рече претседателот Ѓорге Иванов во предавањето на тема „Миграции и мигрантите: Предизвиците за третиот милениум“ во Бугарската академија на науките. Според Иванов, за полесно да се справат со предизвиците, Европа и меѓународните организации ќе мора најпрво да излезат од бирократскиот лавиринт, а потоа и да се прилагодат на реалноста на 21-от век.
„Како што бројот на бегалците ќе се зголемува, така волјата и подготвеноста на Европската унија да ги прифаќа и интегрира ќе се намалува. Истовремено, мигрантската криза придонесе кон дополнително затегнување на односите меѓу државите. Но, цената што ќе ја платиме за несоработката е прескапа, бидејќи колку е послаба соработката меѓу државите, толку е посилна соработката меѓу криминалците. За разлика од политичките елити и безбедносните служби, како што додаде, шверцерите на Балканот немаат никакви етнички, јазични или религиски предрасуди“, рече претседателот Иванов.
Во своето предавање Иванов посочи на два предизвика, првиот да се обезбеди контрола на коридорите преку кои се префрлаат мигрантите, вториот е да се обезбеди контрола врз слободното движење на мигрантите кои веќе се наоѓаат на Шенген територија. Според Иванов, доколку Брисел продолжи со примена на бирократски мерки, тогаш ќе се зголеми ризикот на опастанок на Шенген зоната.
Иванов во своето предавање се осврна и на улогата на Македонија во решавањето на бегалската криза и, како што рече, земјата во најголемиот наплив на мигранти и бегалци успешно се справи со предизвикот да ја зачува сопствената и безбедноста на Унијата. Македонскиот претседател беше одликуван со титулата „почесен доктор на науки“ од Бугарската академија на науките.
Во рамки на посетата на Република Бугарија, претседателот Иванов утре ќе се сретне со актуелниот претседател на Бугарија, Плевнелиев, а утре исто така ќе оствари средба и со новоизбраниот претседател, Румен Радев.
Викторија Милевска, специјален известувач од Софија за МРТ
