ДУИ на конвенција во Скопје ги претстави кандидатите за парламентарните избори
На конвенцијата се презентираа целите кои ги има Демократската унија за интеграција доколку победи на парламентарните избори закажани за 11 декември. Во своето обраќање лидерот на партијата, Али Ахмети им порача на присутните дека гласот на граѓаните за ДУИ останува правилна одлука.

Демократска унија за интеграција на конвенција во Скопје ги претстави листите на кандидатите за пратеници и носителите. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети е носител во шестата изборна единица. Во првата изборна единица листата ја предводи Артан Груби, во втората Ејуп Алими, во третата изборна единица прв на листата е Нафи Дурмиши, во четвртата изборна единица носител е Артим Спахиу, во петтата Агим Шаќири, а во седмата Џевдет Спахиу. На конвенцијата се презентираа целите кои ги има Демократската унија за интеграција доколку победи на парламентарните избори закажани за 11 декември. Во своето обраќање лидерот на партијата, Али Ахмети им порача на присутните дека гласот на граѓаните за ДУИ останува правилна одлука.
„Нека знаат сите тие кои што имаат дилеми дека ние не се менуваме и силно можат да се конфронтираат со нас, тие биле домашни сили, регионални или пошироко. Нашата цел е неспорна. Единствениот пат е евроатлантскиот пат, патот кон ЕУ, кој не треба да биде спречен, бидејќи е патот кој ја обезбедува и ја зајакнува нашата слобода, нашата нова економија. ДУИ продолжува да чекори по добро познатиот пат, интеграцијата на земјата во евро-атлантските структури, содавањето на социо-економските услови за граѓаните и градењето на подобра иднина за новите генерации. Изборите на 11 декември се клучни, бидејќи се решава за големи прашања. Се решава дали ќе продолжиме по патот кој го споменав погоре или ќе се влечкаме. Ние сме со НАТО, со Брисел, со обединета Европа, со Вашингтон и со САД. Затоа, да си ја завршиме нашата работа и да излеземе уште посилни“, изјави претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Пред присутните членови и симпатизери говореа носителите на листите, тие рекоа дека Демократската унија за интеграција е чувар на албанскиот народ и дека е дојдено време Албанците во Македонија да се изборат за уште поголеми права. Од партијата го оценија како негативно тоа што албанскиот политички блок во земјава на овие избори е поделен вкупно на пет партии и коалиции, бидејќи според нив тоа ќе доведе до расцепкување на гласовите на етничките Албанци во Македонија. 11 декември е референдум за иднината. На 11 декември треба да прогласиме победа против тие што шират, гнев, страв и манипулации. 11 декември нека ги направи Албанците одлучувачи – беше речено на собирот. Свое обраќање имаше и шефот на изботниот штаб на ДУИ, Беким Незири.
„ДУИ ќе биде победник на изборите на 11 декември. Сите анкети што беа направени јасно покажаа дека ДУИ ќе биде апсолутен победник, тоа го покажаа и анкетите нарачани од опозицијата. Предизвик на изборниот штаб е да го помине резултатот од 153.000 гласови освоени на изборите 2014 година. Наредниот преиод до 11 декември, ние ќе го посетиме секое село, секој град, ќе имаме средби со сите граѓани. Нашата порака е дека нема друга албанска политичка сила што може да ги води Албанците освен ДУИ и лидерот Али Ахмети“, рече Беким Незири, шеф на изборен штаб на ДУИ.
Говорниците порачаа дека Демократската унија за интеграција продолжува да работи според принципот на градење и соработка, а не според принципот на уништување, како што целат другите политички субјекти на кои приоритет им е борбата против ДУИ.
Наташа Јанчиќ
