ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ ја промовираа програмата „Реално 2017-2020, работа, сигурност, напредок“

21.11.2016 15:53

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ ја претставија програмата, под името „Реално 2017-2020, работа, сигурност, напредок“. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, никола груевски, рече дека е ова најобемата програма на 500 страници, со многу проекти и конкретни рокови за нивна реализација.

Граѓаните на 11-ти декември ќе гласаат за суверенистичката и унитаристичката политичка опција во Македонија, а не за бинационална држава, поделена и редефинирана, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на промоцијата на новата програма „Реално 2017-2020, работа, сигурност, напредок“ на владејачката партија. Груевски којшто е носител во 4 изборна единица на Коалицијата За подобра Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ , нагласи дека во програмата за наредниот четиригодишен период е предвидено платите во јавната администрација да се зголемат за 10,25 насто, а исто толку да се зголемат и пензиите, 5 насто во септември идната година и септември 2020 година. Груевски нагласи дека социјалната помош ќе се зголеми за 50 проценти во наредните четири години. Toj во програмата најави и зголемување на минималната плата на 14.000 денари до 2020, без ризик за отпуштања.

Дел од програмата се проектите за повисоки плати, повисоки пензии, 600 милиони евра за земјоделски субвенции, нови автопати, пруги и нови енергетски капацитети, поголема финансиска поддршка за компаниите, како и многу поволности за започнување на бизнис и намалување на невработеноста. Новата програма како што потенцираше Груевски е детална, сеопфатна со прецизни рокови, со проекти кои ќе обезбедат сигурност, безбедност и нова подобра иднина за Македонија, а ќе реши многу проблеми на граѓаните.

Според програмата, е предвиден раст на македонската економија од 3 до 4,5 насто, а невработеноста до 2020 да падне на историски 17-18 насто, при што, како што рече Груевски, за четири години треба да се отворат 70.000 работни места. Груевски најави два нови проектa кои ќе значат заживување на економијата и отворање на нови работни места.

Вториот голем проект којшто го најави, се руралните развојни зони, во кои сите што ќе инвестираат ќе добијат финансиска стимулација од државата, даночни ослободувања и грантови од 2.000 до 4.000 евра за секој вработен. Оваа екстра поволност која важи за започнување бизнис во руралните средини, како што пишува во програмата ќе важи пет години.  Груевски најави и нови инвестиции во инфраструктурата и во здравството, како и изградба на нови училишта, градинки, спортски сали и студентски домови.  

Тоа е нашата програма, која е убедливо најобемна и најдобра досега, која во себе содржи над 500 страници на проекти и прецизни рокови, буџети и очекувани резултати, рече Груевски. Груевски порача дека граѓаните на 11-ти декември ќе гласаат за проектите кои ВМРО ДПМНЕ и во изминатиот период успешно ги реализираше, а со конкретни рокови планира и во наредните четири години, а не за политиките на Зоран Заев кој, како што истакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ, се залага за двојазичност и кантонизација и поделба на Македонија.

Игор Панов