„Југохром“: Синдикалците за в четврток најавуваат нов протест
Синдикалците за в четврток најавуваат нови протести со барање „Југохром“ да продолжи со работа. Овојпат нема да блокираат автопати, туку ќе се жалат пред Министерството за животна средина. Велат дека и покрајот тоа што комбинатот не работи, загадувањето на воздухот во тетовско е сѐ уште високо.

Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството бара од надлежните органи да ја повлечат мерката забрана за работа на „Југохром“. За четврток најавуваат протест пред Министерството за животна средина. Образложуваат дека и во услови кога компанијата не работи мерните станици во Тетово бележат висока концентрација на штетни честички во воздухот.
Работниците бараат фабриката да продолжи со работа, со оглед што од таму егзистенција имаат неколку илјади жители на регионот. Велат, одолговлекувањето или отпуштањето на работници може да доведе до иселувања.
„Југохром“ не работи дваесетина дена. Работниците имаат статус на вработени. Од синдикатот велат дека ќе побараат од сопствениците да ја интензивираат изработката на филтри која не е прекината, а е услов за фабриката повторно да проработи.
Дијана Ценевска
