Стејт Департментот предупредува од можни терористички напади во Европа

22.11.2016 10:04

Стејт Департментот ги предупреди американските државјани да бидат внимателни ако патуваат за празниците во Европа. Терористички организации планираат напади на јавни места во Европа за новогодишните празници слични на нападите во Белгија, Франција, Германија и Турција, предупредуваат од Стејт Департментот.

Можни се терористички напади во Европа, особено за време на новогодишните празници. Американските државјани треба да избегнуваат туристички места, новогодишни настани, јавен транспорт, религиозни објекти, ресторани, хотели и места каде се собираат многу луѓе, стои во предупредувањето од Стејт Департментот, наведувајќи дека се уште постои загриженост дека Исламската држава, Ал-Каеда и нивните фракции планираат терористички напади низ цела Европа.

Терористите и нивните симпатизери можат да употребат конвенционално и неконвенционално оружје при нападите. Американците треба да бидат свесни за нивната околина, да ги проверуваат безбедносните информации од европските власти и американските дипломатски претставништва и да се пријават дека патуваат во Европа во програмата на Стејт Департментот.

Американските институции продолжуваат да работат со своите европски партнери на сузбивање на меѓународниот тероризам. Предупредувањето за патување во Европа трае до 20-ти февруари 2017-та година.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ