До Украина – преку Белгија, Белорусија и Данска!
Македонската кошаркарска репрезентација доби навидум лесна квалификациска група...

Македонската кошаркарска репрезентација доби навидум лесна квалификациска група, којашто не би требало да и биде проблем за да ја продолжи низата настапи на европските првенства. На денешната ждрепка во Барселона, нашиот национален тим се најде во групата Д, во друштво на селекциите на Белгија, на Белорусија и на Данска.
26 репрезентации учествуваа во извлекувањето. Тринаесет од нив ќе се пласираат на ЕП во Украина во 2015. Покрај седумте победници таму ќе играат и шест од седумте второпласирани селекции во квалификациските групи.
Шесте натпревари по принципот дома-гости ќе се одиграат од 10 до 27 август оваа година.
Според ранкингот којшто го направи ФИБА Европа уште пред извлекувањето на групите, носител на групата е Белгија. Белгијците завршија деветти на последниот Евробаскет во Словенија минатата година. Имаат вкупно 15 учества на континеталните шампионати, а најдобриот пласман го имале во далечната 1947 во Чехословачка.
Белорусија е најбројната земја на светот којашто никогаш досега не настапила на голем настан, додека Данска само трипати била учесник на европските шампионати, но пред шест децении. Во периодот од 1951 до 1955, Данците ги освојувале 14-то, 16-то и 18-то место.
Ждрепката во Барселона одреди неколку интересни групи. Во конкуренција А се најдоа: БиХ, Велика Британија, Исланд и Холандија. Во групата Б ќе играат: Црна Гора, Израел, Бугарија и Луксембург. Во групата Ц: Германија, Полска и Австрија. Во групата Е: Чешка, Грузија, Португалија и Унгарија. Во групата Ф: Летонија, Словачка, Шведска и Романија. И во групата Г: Италија, Русија и Швајцарија.
Бидејќи има две групи со по три репрезентации, за да се исфилтрира списокот на шесте најуспешни од седумте селекции коишто ќе ги освојат вторите места, тие ќе бидат рангирани посебно, без резултатите коишто ќе ги остварат против четвртопласираните.
Меѓу 24-те земји-учеснички на шампионатот во Украина загарантирано учество имаа селекцијата на домаќинот, потоа Франција, Шпанија, Литванија, Хрватска, Словенија и Србија според пласманот што го на ланското континентално првенство, Финска, Грција и Турција, коишто преку специјални покани добија можност за настап на годинашниот Светски Шампионат во Шпанија, како и Естонија, која лани беше најуспешна во првиот круг од квалификациите за ЕП 2015.
