Почна обновата на најпосетената поликлиника

03.02.2014 14:44

По половина век денеска почна целосната обнова на Поликлиниката Букурешт. Во реконструкцијата која ќе заврши за 5 месеци ќе бидат вложени 24 милиони денари.

За 5 месеци Поликлиниката Букурешт ќе биде обновена. Почна реконструкцијата на една од најпосетените болници во Скопје. Ќе се потрошат 24 милиони денари.Фасадата нема да се менува за да се задржи автентичноста.

„Ќе се реконструираат не само специјалистичките ординации коишто се во рамките на здравствениот дом, туку ќе се реконструираат и деловите коишто се издадени на матичните лекари“, изјави министерот за здравство Никола Тодоров. 

Според директорката на Здравствен дом Скопје Татјана Баевска- Вучковиќ, Поликлиниката Букурешт е базата за извршување секундарна специјалистичка служба. Има три кабинети кои се единствени на територијата на Скопје - за ортопедија, за контактни леќи и андролошки кабинет. Таму е и Комисијата за времена спреченост од работа. 

„2013 година ја одбележаа 74 илјади здравствени услуги од специјалистичката служба, 26 илјади корисници на Комисијата за времена спреченост од работа, 10 илјади здравствени услуги се дадени во примарната, превентивната здравствена заштита, во делот на детското советувалиште и превентивната стоматологија“, вели Татјана Баевска- Вучковиќ, директорка на здравствен дом Скопје.

Пациентите и вработените очекуват подобри услови.

Додека се извршуваат градежните активности, поликлиниката и натаму ќе работи.

Во оваа поликлиника има најголем број на пациенти споредбено со останатите. Во поликлиниката Букурешт дневно доаѓаат околу 1.500 пациенти.

Ова е прва темелна реконструкција на Поликлиниката Букуреш која во јули годинава ќе одбележи 50 години јубилеј.  

 

Ана Јосифоска