Политичката криза на 2% го ограничи растот на македонската економија

22.11.2016 13:39

Економскиот раст на Македонија годинава ќе биде ограничен на 2 насто, поради продолжувањето на политичката криза. Растот в година треба да е 3,3, и 3,7 проценти во 2018-та година, прогнозира Светска банка во најновиот економски извештај.

Политичката криза го ограничи растот на македонската економија, годинава на 2 проценти од бруто домашниот производ. Светската банка прогнозира, по нејзиното разрешување, в година раст од 3,3 насто, во 2018-тата темпото на развој на економијата да забрза, до 3,7 проценти. Во најновиот извештај на банкарите и економистите од Вашингтон стои:

„Политичката ситуацијата останува главен ризик фактор на краток рок, додека зголемениот фискален ризик поради брзото темпо на раст на државниот долг може негативно да влијае на на среден рок.“

Светската банка оценува- спроведувањето на фискалната консолидација од една страна, политиката на фискална одржливост и смирувањето на јавниот долг од друга страна ќе помогнат за справување со ризиците. Приватната потрошувачка и зголемените инвестици со акцент на градежните активности на двата автопати, ќе генерираат повисок раст. Новите вработувања и растот на платите ќе ја намалат сиромаштијата во земјата, прогнозираат банкарите.

Според извештајот, се очекува регионот годинава да има раст од само 1,6 проценти.

„Гласот на Брегзит и бегалската криза ја тестираат европскјата соработка, додека источната половина од регионот сѐ уште се бори да се прилагоди на пониските цени на нафтата“, вели Ханс Тимер, главен економист на Светската банка за регионот на Европа и Централна Азија.

Косовската економија според Светска банка ќе заврши со највисок раст годинават од 3,6 насто.

 

Сузана Фиданска- Стоевска