Иванов: Договорот за добрососедство по изборите во Македонија и Бугарија
Македонскиот претседателот Иванов во Софија на одвоени средби со неговиот бугарски колега Плевнелиев и со новоизбраниот претседател Радев. Било разговарано за севкупните билатерални односи меѓу двете земји и можностите за унапредување на билатералната и регионалната соработка.

На нас политичарите е да ги отвориме вратите и да ги затвориме работите од минатото кои натежнуваат над Македонија и Бугарија- изјави претседателот Иванов по средбите со Плевнелиев и Радев. На средбата со актуелниот бугарски претседател било отворено прашањето за потпишување на договорот за добрососедство, кој работни групи од двете земји години наназад го договараат. Претседателот Иванов е оптимист дека договорот ќе се потпише, а по изборите, новите влади на двете земји ќе ги затворат сите дилеми.
„Договорот меѓу нашите две земји се уште не е завршена работа. Веќе поминаа многу години да се изедначи текстот, бидејќи се настојува да постои симетричност во него и двете страни на некој начин да бидат задоволени. Се надевам дека со изборот на новата влада и од бугарска страна, конечно ќе се решат некои ситни дилеми кои се состојат во зборови и нијанси на формулации со што ќе се заврши овој долг процес на усогласување“, изјави претседателот Иванов.
Предизвиците со кои се соочуваат двете земји и мигрантската криза биле дел од разговорите меѓу Иванов и Плевнелиев. Двајцата претседатели ги потврдиле меѓусоседските односи и добрата соработка во справувањето со предизвиците од мигрантската криза.
Претседателот Иванов се сретна и со новоизбраниот претседател Румен Радев. Иванов му посакал успешен мандат и го поканил во официјална посета на Република Македонија. Иванов изрази надеж дека тоа дополнително ќе ги зацврсти односите меѓу двете земји.
Со ова претседателот Ѓорге Иванов ја заврши дводневната работна посета на Република Бугарија.
Викторија Милевска, специјален известувач од Софија за МРТ
