Груевски: Стабилно мнозинство со 63 пратеници- гаранција дека црните сценарија нема да успеат

22.11.2016 15:54

Груевски и политичките партнери довербата ќе ја бараат со програмата „Реално“ која, како што рече нејзиниот лидер, содржи 500 страници со конкретни проекти, мерки и чекори со кои им се помага на граѓаните. Според програмата, наредните четири години, планирано е отворање на 70.000 работни места...

11-ти декември ќе биде референдум на кој народот ќе покаже чија е оваа држава. Стабилно мнозинство со 63 пратеника ќе биде гаранција дека црните сценарија за редефинирање на државата нема да успеат, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на синоќешниот митинг во Охрид од кадешто стартуваше изборниот караван на Коалицијата „За подобра Македонија“.

Груевски и политичките партнери довербата ќе ја бараат со програмата „Реално“ која, како што рече нејзиниот лидер, содржи 500 страници со конкретни проекти, мерки и чекори со кои им се помага на граѓаните. Според програмата, наредните четири години, планирано е отворање на 70.000 работни места од кои дел ќе бидат во проектот за Рурални развојни зони. Груевски појасни дека инвеститорите кои во наредите пет години ќе изградат хотел, фабрика или земјоделско дистрибутивен центар во било кое село во Македонија и ќе креираат 80 насто нови работни места, ќе бидат ослободени од данок на добивка и од персонален данок за вработените во период од 10 години, а нема да плаќаат ниту царина и ДДВ за увезената опрема за инвестицијата. Груевски најави и дека ќе се реализира проект за рестартирање на стопанските капацитети – Жртви на транзицијата.

Во програмата „Реално“ во делот за Охрид опфаќа изградба на голем конгресен центар, две катни гаражи, изградба на нова марина, и 145 социјални станови како и 500 медицински апарати за локалните здравствени установи, нов експресен пат кој ќе го поврзува Пештани со Охрид. На Плаошник е предвидено возобновување на светиклиментовиот универзитет.  Зборувајќи пред охриѓани, носителот на кандидатската листа за пратеници во петата изборна единица Антонио Милошоски рече дека неговата партија се соочува со голем товар од минатото како што се затворените фабрики, армијата на невработени, неизградени патишта, а народот, рече Милошоски, знае кој е тој што отвори нови работни места, нови фабрики и која е иднината на оваа земја.

На митингот на коалицијата „За подобра Македонија“ зборуваа и претставници на помалите етнички заедници.

На крајот од митингот, Груевски нагласи дека граѓаните ќе треба да изберат меѓу две различни концепции-  дали ќе ја дадат довербата на партијата која во континуитет отвара нови работни места, овозможува повисоки плати, пензии и социјална помош или пак на партијата која наместо на сопствениот народ се потпира на други сили и заговара федерализација и кантонизација што се последни чекори пред распад на државата.

 

Анита Димитријевска