Современи технологии во земјоделството за поголема конкурентност

23.11.2016 13:08

Земјоделците треба да применуваат современи технолошки решенија доколку сакаат да бидат конкуретни на пазарот.

Информатичко- комуникациските технологии и агробизнис. Експертите велат дека е вистинско време за поврзување на фармите со смартфоните. Презентирана е алатка, што ќе можат да ја користат професионалните фармери.

Според министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска - Томовска, на примената на информатичко-комуникациските технологии во земјоделството денес треба да се гледа како на неминовност и потреба.

Земјоделството како економска гранка зазема 11 проценти од БДП и тука се гледа целосниот потенцијал којшто оваа дејност може да го има во иднина. Но, неопходно е со помош на технолошките компании и добрите технолошки решенија да се оди напред, рече Арсовска - Томовска, додавајќи дека доколку земјоделците дигитилно не го транформираат својот бизнис, нивната иднина е сосема неизвесна.

Со примената на компјутерските техники, земјоделците ќе го оптимизираат своето производство, беше оценето на конференцијата „ИКТ во агробизнисот“ што денеска беше отворена во Скопје.

Конференцијата, која ќе трае и во текот на утрешниот ден, треба да понуди можности за поврзување на ИКТ секторот и агросекторот со цел да им се помогне на земјоделците да ги намалат трошоците и да ги зголемат приносите.