Анкара: Не важи одлуката на Европскиот парламент

23.11.2016 15:28

Дел од членките во Европскиот парламент побараа привремен прекин на преговорите со Турција за членство во Унијата поради чистката што турските власти ја спроведуваат по неуспешниот обид за воен удар.

Турскиот претседател Ердоган изјави дека одлуката на Европскиот парламент околу прекинот на пристапните преговори со Турција во очите на таа земја ништо не вреди. Испрати остри тонови пред утрешното гласање што може да ја одреди европската иднина на земјата.

„Дури и самиот факт што Европскиот парламент размислува за ова гласање е доказ дека ги поддржува терористички организации. Јасно ставивме до знаење дека ги почитуваме европските вредности повеќе од многу земји членки, но не гледаме конкретна поддршка од западните пријатели“, рече претседателот на Турција, Ердоган.

Дел од членките во Европскиот парламент побараа привремен прекин на преговорите со Турција за членство во Унијата поради чистката што турските власти ја спроведуваат по неуспешниот обид за воен удар.

Критичарите го обвинуваат Ердоган дека го користи неуспешниот пуч за пресметка со неговите противници. Турскиот претседател претходно изјави дека ЕУ ќе мора да живее со последиците ако ги запре преговорите, и се закани дека земјата наместо тоа би можела да склучи безбедносен сојуз со Русија и со Кина.

Турција ја обвинува Унијата дека не ја разбира тежината на состојбата во државата и најави дека следната година преговорите за членство би можеле да бидат ставени на референдум.

 

Марина Автовска