Семакедонски собир во Прилеп

03.02.2014 15:33

Што би биле ние доколку и буква се смени од името? Времето работи за Македонија и не треба да се брза со некои додавки...

Што би биле ние доколку и буква се смени од  името? Времето работи за Македонија и не треба да се брза со некои додавки. Вакви се ставовите на Македонците од соседните земји. На 10- от  семакедонски  собир ја отворија темата „Името е идентитет“.
 
„Не смееме да помислиме да се смени една буква од нашето име“, вели Александар Манчев од ОМО Илинден во Р.Бугарија.
 
„Не треба да се брза Македонија со додавки, префикси, суфикси“, вели Томе Апостолоски, претставник на Македонците во Хрватска. 
 
„Што ќе биде со нас Македонците во Албанија доколку дојде до такви несакани последици со промена на името? Што ќе бидеме ние тогаш?“, вели Тајчо Гроздани, потпретседател на Македонската алијанса за европска интеграција во Албанија.
 
За стотици илјади Македонци во соседните земји продолжува битка за остварувањето на нивните права. Но, нивниот став е единствен кога е во прашање темата: Името е идентитет. 
 
Преку хрватскиот устав македонците влегоа во ЕУ, малцинство се во Албанија, но непризнати  во Бугарија, е моменталната нивна состојба во опкружувањето.
 
„Ние сме влезени во Уставот како Македонци“, вели Апостолоски, претставник на Македонците во Хрватска.
 
„Сега попуштија малку. Слободно одиме на сите наши прослави“, вели Александар Манчев од ОМО Илинден.
 
„Да, имаме поголема интеграција во институциите и системот во Република Албанија“, вели  Тајчо Гроздани од Македонската алијанса за европска интеграција во Албанија.
 
Матичната држава поддржува проекти на нашинците. Лани со 200.000 евра се финасирани 76 нивни акции.
 
„Главно, со идеи и проекти кои се однесуваат на заштита на идентитетот“, вели Зоран Петров, заменик-министер за надворешни работи.
 
Од 10-от семакедонски собир и декларација. 
 
„Секое менување на името директно би влијаело на правата и идентитетот на малцинствата во соседните земји“, вели Борис Темоски претседател на граѓанската  иницијатива „НЕ-ИМА“.
 
Македонците од соседството ќе се поклонат на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје.
 
 
Елизабета Митреска