Коалицијата за промени и правда во Велес ја презентираше програмата
Говорниците рекоа дека Коалицијата за промени и правда е современа, со политички субјекти кои гравитираат лево и десно, и кон центарот. Наша заложба е да се обидеме да ги вратиме вистинските вредности кои се деформирани, рече Јове Кекеновски.

Коалицијата за промени и правда под слоганот „Не плашете се, режимот ќе падне“ на собирот во Велес ги претстави своите приоритети и ја презентираше програмата. Говорниците рекоа дека Коалицијата за промени и правда е современа, со политички субјекти кои гравитираат лево и десно, и кон центарот. Наша заложба е да се обидеме да ги вратиме вистинските вредности кои се деформирани, рече Јове Кекеновски. Изјави дека Коалицијата нуди плата од 300 евра и минимална пензија од 200 евра. Според него, овие параметри не се измислени, туку се базирани на реални пресметки и на реални препораки од наши економисти. Доволно е да ги вратиме во буџетот оние седум милијарди кои се изнесени од Македонија. Тие ќе бидат доволни за почеток да се обидеме да ги реализираме нашите ветувања, изјави Кекеновски.
На митингот се претставија и носителот на Изборната единица 4 Слободан Богоевски, како и кандидатот за пратеник од Велес од Изборната единица 3 Жан Мешков.Носителот на листата во Изборната единица 3 Весна Стојменовска се осврна на младите и на проблемот со нивното иселување од источна Македонија. Зошто е тоа така, бидејќи нема вработување без партиска книшка. Ние ќе го промениме тоа, ќе ги департизираме институциите и ќе им дадеме еднаква можност на сите за вработување- изјави Стоименовска.
Во програмата на Коалицијата за промени и правда е предвидено бесплатно здравство за сите граѓани, нов праведен и ефикасен даночен систем и преполовување на бројот на функционерски места во администрацијата и намалување на бројот на пратениците во законодавниот дом.
Игор Панов
