Судски совет: Вонредно оценување на кандидатите за претседатели на судовите

23.11.2016 16:10

Судскиот совет на седница реши- ќе се врши вонредно оценување на кандидатите за претседатели на Кривичниот, Врховниот и на Основните судови во Штип и во Тетово. Претседателот на советот, Зоран Караџовски, рече дека во изминативе две години немало оценување. Побара судиите да се воздржат од јавни изјави за да се зачува угледот на судската функција.

На затворена седница поради како што рекоа избегнување на нарушување на угледот на некои судии, Судскиот совет расправаше за последните случувања во најголемиот Кривичен суд во земјава. Без да навлегува во деталите првиот човек Караџовски, рече дека ги разгледале состојбите во Кривичен суд, но одлучено е да не се споделуваат информации со јавноста. Повика на разум и решавање на состојбите .

Штом ќе ги добијат одлуките на Советот за утврдување на фактите, доколку постои потреба за поведување дисциплинска постапка, Советот ќе го стави на дневен ред, вели Караџовски. Зад затворена врата Советот ги разгледуваше кандидатурите за претседателите и на скопска единица и на Врховниот суд. Првиот човек на институцијата потврдува дека за нив ќе има вонредно оценување.

Според Караџовски, не е потребно формирање на специјален суд. Признава дека Судскиот совет можеби има делумна вина за состојбите во судството, но дека никој не е совршен. Истакна дека тој е против депрофесионализација на институцијата.

 

Дијана Ценевска