Аерозагадување: Да се користат заштитни маски и антиоксиданси

23.11.2016 16:24

Мерните станици деновиве покажуваат голема концентрација на штетни честички во воздухот. Откако градските власти излегоа со препораки, совети и од пулмолозите- да се користат заштитни маски и антиоксиданси, без потреба да не се излегува надвор.

Аерозагадувањето стана хроничен проблем на Скопје. Надлежните го вклучија алармот. Маглата се врати, а со неa и смогот и отровните честички. Измешан со грипот тој може да има катастрофални последици по човечкото здравје, велат лекарите. Расте бројот на пациенти на Клиниката за пулмологија. Доктор Докиќ објаснува дека на удар не се само хронично болните и децата, од аерозагадувањето страдаат сите.

„Сите овие загадувачи делуваат на принципот на оксидативен стрес на организмот. Доколку се земат антиоксиданси се намалува штетното дејство на самите аерозагадувачи. Исто е важно пациентите да земаат доволно течности и хроничните болни да ја земаат терапијата која им помага да ги менаџираат своите хронични симптоми“, изјави за МРТ пулмологот д-р Дејан Докиќ.

Скопјани веќе тешко дишат. Се жалат на главоболки, печење на очите и носот. Се заштитуваат колку што можат.

„Маска ставам, потопло ми е и така сум заштитена.“

„Со маска до на работа.“

„Кому не му смета, меѓутоа да не беа мерните инструменти сега, дали ни сметаше порано. Добро е што има мерни инструменти, но ние не знаеме колку се точни и дали се точни“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Градот Скопје вчера објави мерки од прв степен за предупредување и препораки за граѓани. Се апелира да се користи јавниот превоз, граѓаните да се греат со суво и чисто дрво и да излегуваат надвор само кога е неопходно.

 

Викторија Милевска