Аеродромот „Александар Велики“ отворен и функционира нормално
Од Кабинетот на шефот на државата велат дека поради безбедносните процедури, претседателот не отпатувал за Истанбул од каде што требаше да замине за Мадагаскар на Самит на Франкофонијата.

Авионот на „Туркиш Ерлајнс“ кој привремено беше задржан на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, по извршените безбедносни проверки, синоќа околу 23 часот полетал за Истанбул.
Во авионот требаше да патува и делегација предводена од претседателот Иванов. Од Кабинетот на шефот на државата велат дека поради безбедносните процедури, претседателот не отпатувал за Истанбул од каде што требаше да замине за Мадагаскар на Самит на Франкофонијата.
Авионот на „Туркиш Ерлајнс“ кој според редот на летање требаше да полета во 20 часот и 40 минути, бил задржан на пистата на Скопскиот аеродром. По безбедносните проверки е утврдено дека не станувало збор за експлозивна направа, туку за мобилен телефон.
Аеродромот „Александар Велики“ е отворен и функционира нормално, велат од ТАВ Македонија.
