Тутун: Откупот го почнаа четири монополи
Од десетте претпријатија кои склучија договори со тутунарите досега четири почнаа со откупот. Со претходно добиените мостри монополите според законот, стартот на откупот мора да го почнат најдоцна до 15-ти декември.

Од вкупно десетте, досега само четири монополи го почнаа откупот на тутунот. Во првата недела откупени се 870 тони тутун со просечна цена од 183 денари за килограм што е минимално повисока од ланската која изнесуваше 182 денари.
Вредноста на досега откупениот сиров тутун е 160 милиони денари. Исплатата е почната и тутунарите парите ги имаат добиено за 26 проценти од предаденото.
Од сите откупи места оценките се дека реколтата годинава е со висок квалитет, а цената е добра, велат тутунопроизводителите. Поголеми забелешки на проценка на класите нема, побарувачката е поголема од понудата, па се надеваат дека ќе добијат уште повисока цена, особено што на почетокот се носат пониските класи тутун а на крајот се предаваат најквалитетните.
Според најавите и другите компании веќе ги обезбедуваат средствата за откуп и деновиве и тие ќе ги отворат вратите и ќе почнат со превземање.
Монополите очекуваат да откупат од 24.000 до 25.000 тони суров тутун што е за 5.000 тони повеќе од лани.
Методија Трајков
