Трамп ја екипира својата администрација
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ги избира најблиските соработници. Американски амбасадор во Обединетите Нации ќе биде Ники Хејли, а најголем фаворит за државен секретар е поранешниот гувернер на Масачусетс и претседателски кандидат Мит Ромни.

Гувернерот на Јужна Каролина, Ники Хејли прифати да биде амбасадор на САД во Обединетите нации во администрацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп. Хејли е ќерка на имигранти од Индија, мајка на двајца тинерџери и сопруга на капетан во крајбрежната стража. Таа претходно ги поддржуваше сенаторите Марко Рубио и Тед Круз.
Неврохирургот Бен Карсон прифатил да биде Секретар за домување и урбан развој во администрацијата на Трамп. Доктор Карсон претходно не сакаше да прифати функција, но се премисли бидејќи и самиот потекнува од сиромашен урбан дел во којшто најмногу живеат сиромашни Афроамериканци. Едно од ветувањата на Трамп беше да ја подобри ситуацијата во овие градови.
Најголем фаворит на Трамп за државен секретар е поранешниот гувернер на Масачусетс и претседателски кандидат Мит Ромни, но неговото наименување сѐ уште не е официјално.
Трамп се очекува да наименува и нов Секретар за одбрана, којшто најверојатно ќе биде генералот на маринците Џејмс Метис.
„Вол Стрит“ бележи рекордни високи нивоа што не е регистриран во последниве 120 години. Американските берзи вчера затворија со плус 19.000.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
