Протест на вработените од „Југохром“ во Скопје

24.11.2016 13:33

Вработените во Комбинатот „Југохром“ од тетовско Јегуновце денеска ја блокираа крстосницата кај Судската палата во Скопје, во знак на протест од исклучувањето на печките на комбинатот.

Синдикатот на вработените во „Југохром“ на нов мирен протест, овојпат пред Судската палата во Скопје. Изразија револт против, како што велат, неоправданото исклучување на печките на комбинатот од Јегуновце.

До инспекторатот на Министерството за животна средина ќе достават протесно писмо. Бараат повлекување на одлуката на инспекторатот за животна средина за исклучување на печките на „Југохром“.

„Институциите останаа глуви на нашите барања од претходниот протест, па затоа ние бевме принудени да го одржиме и овој протест. Бараме работа, ништо повеќе од тоа. Бараме Министерството за животна средина, односно државниот инспекторат, да ја повлече одлуката. Доколку не ја повлече, ќе продолжиме со протестите“, велат од синдикатот на „Југохром“.

На 2-ри ноември „Југохром“ постапи по одлуката на Државниот инспекторат за животна средина, кој донесе решение комбинатот да ги исклучи сите печки поради непочитување на крајниот рок за поставување филтри на оџаците, кој истече на крајот на октомври.

На 12-ти ноември вработените во „Југохром“ го блокираат автопатот Скопје- Тетово поради затворањето на комбинатот. Во комбинатот „Југохром“ работат околу 1.000 лица.