Амети: „Југохром“ во најскоро време да ја изгради филтер станицата
Раководството на комбинатот мора најинтензивно и најбрзо да работи на поставување на филтрите за да може комбинатот да работи и вработените да се вратат на нивните работни места.

Одлуката за затворање на комбинатот „Југохром“ беше тешка, вели ресорниот министер за животна средина Башким Амети. Од раководството на Комбинатот побара во најскоро време да ја изгради филтер станицата.
Раководството на комбинатот мора најинтензивно и најбрзо да работи на поставување на филтрите за да може комбинатот да работи и вработените да се вратат на нивните работни места. Го охрабрувам раководството на комбинатот да изнајдат решение за барањето на вработените се до поставување на филтрите, рече Амети на прес-конференција.
Амети нагласи дека здравјето на граѓаните претставува врвен приоритет.
На 2 ноември „Југохром“ постапи по одлуката на Државниот инспекторат за животна средина, кој донесе решение комбинатот да ги исклучи сите печки поради непочитување на крајниот рок за поставување филтри на оџаците, кој истече на крајот на минатиот месец.
