Тачи: Ќе воведеме консензуално одлучување во Македонија

24.11.2016 15:26

Мендух Тачи, од митингот во село Челопек, порача дека прва работа што ќе ја направи оваа партија по изборите ќе биде воведувањето на консензуалното одлучување во Македонија...

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, воедно и носител на листата од шестата изборна единица од митингот во село Челопек, порача дека прва работа што ќе ја направи оваа партија по изборите ќе биде воведувањето на консензуалното одлучување во Македонија.

„И илјада партии да направиме, доколку платформата ни се однесува на тоа дали  ќе имаме зголемување за еден, два или три проценти на правата, ништо нема да направиме во вакви состојби во Македонија со уставното уредување. Затоа ние треба да се залагаме за исполнување на колективните барања на Албанците, независно од нивната бројност како што тоа го имаат добиено Хрватите во Босна, Италијанците во Швајцарија или пак Фламанците во Белгија. Затоа ќе се залагаме и за еден заменик премиер Албанец ама да има право на консензуално одлучување,  исто и во Собранието“, рече Тачи.

Ако не се задржат на ова прашање, рече Тачи, многу брзо ќе дојдат во состојба како другите етнички заедници. Знам, рече Тачи, дека ова е тешка работа, но тоа ќе се постигне доколку победиме на изборите, оти во ДУИ не ја разбираат оваа работа, освен еден, тоа е Али Ахмети, кој, пак, само мами.

Тој ги обвини неговите противници дека оваа политичка кампања за предвремените парламентарни избори ја направиле како циркуз, иако станува збор за значаен настан што се случува еднаш на неколку години.

„ДУИ повторно најави дека ќе се залагаат албанскиот јазик да стане официјален, но ние досега сме имале над 150 илјади најави за официјализирање на албанскиот јазик во државата. За овие избори потребна е вистинска програма и платформа, а не циркус и нема друг пат за Албанците во Македонија, освен платформата на ДПА затоа што срамота е да речеме дека по 26 години од повеќепартиско политичко организирање немаме вистински резултати во положбата на Албанците“, додаде тој.

Тачи  ги повика жителите на Челопек  да ги прашаат своите блиски, роднини, пријатели  како живеат и какви се состојбите со патот, канализацијата, водата, со здравството, образованието, социјалата.

„Секаде ќе ви кажат дека е многу лошо. Е токму затоа треба да се гласа против Али Ахмети и ДУИ. Што треба да направат ЕУ и САД за да се покаже дека оваа влада е криминализирана и затоа наша работа е да ги отстраниме од власта, но само преку избори како што и Трамп само со гласовите од луѓето ги доби изборите во Америка и го затресе светот“, рече Тачи.

На собирот во Челопек на присутните им се обратија генералниот секретар на партијата Азем Садику, потпретседателот Бардиљ Даути и кандидатката за пратеничка во шестата изборна единица од Челопек, Хирбије Зеќири.

Фиљана Кока