Протести: Вработените бараат „Југохром“ да работи
Работниците на „Југохром“ протестираа во Скопје со старото барање- комбинатот да продолжи со производство, зашто според нив, тој не е причината за загадениот воздух во Полошко. Иако побараа, никој од Министерството за животна средина не ги прими на разговор. Од надлежните добија порака преку медиумите, дека фабриката мора да ги инсталира филтрите за да продолжи со работа.

Вработените од металуршкиот комбинат „Југохром“ не се откажуваат од барањето фабриката да продолжи со работа. Велат егзистенција имаат неколку илјади жители на регионот. Протестираа пред инспекторатот за Животна средина.
„Очекуваме плата, од каде да земаме плата? Јас имам пет члена фамилија, работам само јас.“
„Имам работен стаж 33 години, 2-3 километри сум оддалечен од Југохром. Имам 52 години, не чувсвувам никаков загадување“, велат вработените што ги анкетиравме.
Синдикатот упати протестно писмо до Инспекторатот и побара да се повлече мерката забрана за работа на комбинатот. Посочија дека ќе побараат од сопствениците да ја интензивира изработката на филтри.
„Институциите останаа глуви на нашите барања од претходниот протест, па затоа ние бевме принудени да го одржиме и овој протест. Бараме работа, ништо повеќе од тоа“, вели Бајрам Амити, претставник на Синдикатот на вработените во „Југохром“.
„Ние како Синдикат сме спремни да направиме притисок на менаџерскиот тим да помогне со финансиски средства, да изготви елаборат Министерството за животна средина, и тогаш ќе се види дека Југохром не е таков загадувач како што некој сака да го прикаже во јавноста“, изјави Светислав Спасовски, претставник на Синдикатот на вработените во „Југохром“.
Синдикатот на „Југохром“ со претставници на синдикатот на „СИЕР“ побараа, но не добија средба со надлежните во Министертсвото за животна средина. Образложуваат дека „Југохром“ не е загадувач. Велат дека и во последниве две до три недели кога компанијата не работи, мерните станици во Тетово бележат висока концентрација на штетни честички во воздухот.
„Единствено што можевме да направиме тука е уште еднаш да ги предадеме нашите барања и да се забрза постапката за решавање во втор степен, бидејќи Југохром има доставено приговор на решението од инспекторатот, а тоа обжалено решение досега не е во втор степен решавано“, изјави Пеце Ристевски, СИЕР.
Од Министерството за животна средина велат дека подобрувањето на амбиенталниот воздух е приоритет, поради што изградбата на филтри е основен услов.
„Раководството на комбинатот мора најинтензивно и најбрзо да работи на поставување на филтрите за да може комбинатот да работи и вработените да се вратат на нивните работни места. Го охрабрувам раководството на комбинатот да изнајдат решение за барањето на вработените се до поставување на филтрите. Здравјето на граѓаните и на нашите деца, за нас е врвен приоритет“, вели министерот за животна средина, Башким Амети.
Иако „Југохром“ не работи дваесетина дена работниците ќе ја земат ноемвриската плата. од Синдикатот велат дека протестите ќе продолжат. Печките на „Југохром“ беа исклучени бидејќи до крајниот рок не беа монтирани филтрите за заштита на животната средина.
Дијана Ценевска
