Продолжуваат синдикалните превирања

24.11.2016 16:47

Првиот човек на ССМ, Живко Митревски вели дека министерката за труд и социјала со фалсификувани документи сака да го смени од функција. Ременски тврди дека постапката е законска.

Трет ден трае ситуацијата oкoлу тоа, дали е сменет првиот синдикалец Живко Митревски. Тој и денеска тврди дека е направен обид од четворица претседатели на грански синдикати, незаконски со фалсификувани документи да биде сменет од функцијата на одржаниот Совет на ССМ.

„Без притоа да докажат, без потпис и печат, без имиња и презимиња кој присуствувал на тој совет, без притоа да има никаква документација за тоа ниту во ССМ, ниту архивско заведување, ниту пак биле известени претседателите на гранските синдикати“, вели Митревски.

Во писмо до јавноста Дарко Димовски тврди дека е ве- де претседател на Сојузот на синдикати. Во дописот тој го обвини Митревски дека издавал имот во зградата на синдикатот без одлуки на органите и телата. 

Од друга страна, за смената, Митревски ја обвини и министерката за труд и социјала и најави кривична пријава.

Taa, пак, вчера изјави дека нема прекршување на прописите, дека одлуката за разрешување на Митревски до Централниот регистар е доставена уште пред 10-тина дена.

„Целокупната постапка е спроведена согласно со законот и завршува до моментот на предавање на документите до Централниот регистар на Република Македонија кој што има обврска да спроведе решение издадено од надлежен орган“, рече министерката за труд и социјала, Фросина Ташевска- Ременски.

Од целиот случај кој ги бранува синдикалните кругови, засега едно е сигурно. Промената на лидерското место во ССМ, сѐ уште не е извршена во Централниот регистар.

 

Андријана Атанасовска