Израел: Нема жртви во пожарот во Хаифа

25.11.2016 10:21

Нема жртви во пожарот во Хаифа, но многумина се хоспитализирани поради вдишување на големо количество чад. Властите тврдат дека се работи за политички мотивирани пиромани.

Илјадници граѓани се евакуирани во Хаифа поради пожарите кои, според израелските власти, се подметнати од политички мотивирани пиромани. Противпожарните единици имаат поддршка од резервниот состав и од полицијата на Израел. Засега нема жртви и посериозно повредени, но многумина се хоспшитализирани поради вдишување чад.

„Секој пожар што е подментат е терористички акт. И ние така и ќе го водиме тој случај. Оние што се обидуваат да изгорат делови на Израел ќе бидат најстрого казнети“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

„Уапсени се неколкумина. Водиме заедничка истрага со противпожарните служби и спасувачките екипи, па нема да откријам дополнителни детали“, рече Гилад Ердан, министер за внатрешна безбедност.

„Сигурни сме дека мотивот не е само пироманија, туку и политички убедувања“, вели Рони Алшајх, шеф на израелска полиција.

Хрватска, Турција, Грција, Кипар и Русија испратија помош за Израел каде што беа регистрирани повеќе вакви инциденти  во последните неколку денови.  И Палестина се вклучи во спасувачките операции.

Последниот голем пожар се случи во 2010-та година кога загинаа 42 лица.