Што покажа обдукцијата на Орка?

03.02.2014 17:41

Воспаление на дванаесетпалачното и тенките црева, предизвикано од ешерихија коли и бронхитис е причина за угинување на жирафата Орка која беше атракција во зоолошката градина

Воспаление на дванаесетпалачното и тенките црева, предизвикано од ешерихија коли и бронхитис е причина за угинување на жирафата Орка која беше атракција во зоолошката градина .Ова го покажа наодот од обдукцијата која била веднаш направена по смртта на жирафата. Од Факултетот за ветерина уверуваат дека бактеријата која го предизвикала воспалението не е заразна и опасна за другите животни. Претходно жирафата не покажувала симптоми на болест .

„ Станува збор за многу јака воспалителна реакција од типот на воспаление со хеморагии, односно крварење, се до фаза на некротика односно на одлупување и угинување на тие клетки коишто го препокриваат тој дел од гастроинтестоналниот тракт“ изјави Дине Митров, Декан на Факултет за ветеринарна медицина.

Од Зоолошката градина највија тужби за институциите и медиумите кои по смртта на Орка објавија шпекулации дека жирафата починала поради негрижа на вработените .

„Оние останати коишто објавуваа шпекулации, дезинформации за угинувањето на жирафата, нашата установа за жал ќе мора да ја побара на некој начин правдата како и повратокот на изгубениот углед и честа што ја доживеа по пат на судски спор“  изјави Дане Кузмановски,  портпарол на Зоо- Скопје.

Орка угина пред  десетина дена . Животното беше едно од најомилените во зоолошката и имаше 3 и пол години.Преку донации во скопската зоолошка  пристигнаа три нови жирафи.

Александра Перевска