Груевски: Кризата ќе заврши само со 63 пратеници за Коалицијата „За подобра Македонија“

25.11.2016 15:32

63 пратеници во Парламентот ќе бидат гаранција дека Заев нема да продолжи да ја дестабилизира државата со игри и манипулации порача на митингот на Коалицијата „За подобра Македонија“ во Карпош, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Кризата ќе заврши само со 63 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, 63 пратеници во Парламентот ќе бидат гаранција дека Заев нема да продолжи да ја дестабилизира државата со игри и манипулации порача на митингот на Коалицијата „За подобра Македонија“ во Карпош, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Нѐ обвинуваат за национализам, рече Груевски, а од нашите проекти и мерки сите добиваат исто, ние не ги делиме луѓето ниту по нација ниту по вера- истакна тој. Рече дека некој од надвор сака да внесе проблеми и да го растури соживотот во Македонија, затоа, според него, се измислуваат тези за национализам.

Груевски во Карпош ја промовираше програмата „Реално“ за која што рече дека е најобемна до сега и е распослана на 500 страници. Вети дека во наредните четири години владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе отвори 70.000 работни места, ќе ги зголеми платите и пензиите за 10 насто, а социјална помош ќе биде повисока за 50 проценти. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече и дека ќе продолжи градбата на градинки, училишта, спортски сали, амбуланти, болници. За карпош, програмата „Реално“ предвидува изградба на нов студентски дом на нов објект на Драмскиот театар, амфитеатарот во Скупи, жичницата од Козле до Средно Водно и реконструкција на болници и улици. Груевски им порача на карпошани пред да го дадат својо глас да го постават прашањето кој подобро ќе ја води Македонија.

„Има две алтернативи, една која гради и создава и друга која прави деструкции ги разјадува луѓето. Изборот е многу едноставен кога човек ќе помосли што е подобро за него и кој подобро може да ја води државата“, нагласи Груевски.

На митингот на Коалицијата „За подобра Македонија“ во Карпош говореше и носителот на кандидатската листа во првата изборна единица Никола Попоски. Посочи дека само народот е тој кој одлучува за иднината на земјава. Приоритет во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, рече Попоски ќе биде отворањето на новите работни места.

„Многумина од вас се сеќаваат дека имавме долг низ на години во кои само ги броевме затворените фабрики и намалените работни места, дојдовме до ниво во кое секој се прашуваше дали може полошо од ова, тоа беше дереџето до кое нѐ доведоа. И сега за изненадување на некои такви скептици покажавме, сепак дека има луѓе во оваа држава кои веруваат во себе кои застанаа и креираа 150.000 работни места“, рече Попоски.

Коалицијата „За подобра Македонија“ одржа митинг и во скопски Аеродром каде ја претстави програмата „Реално“ која предвидува изградба на затворен пливачки базен со ватерполо димензии, нова гимназија, нов објект за основното училиште „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче, спортска сала во основното „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче, четири нови градинки, нов парк- инвестиција на АД „ЕЛЕМ“ кој ќе биде втор по големина по Градскиот парк во Скопје како и дневен центар за деца со пречки во развојот, приватен дом за повозрасни лица, асфалтирање на улици и рурална развојна зона во Долно Лисиче.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика граѓаните масовно да излезат на избори и да ја дадат довербата за оваа коалиција. Според Груевски програмата која ја ветува опозицијата е обичен памфлет исполнет со нереални проекти и лажни ветувања. Тој порача дека 11-ти декември ќе биде референдум, и како што рече нема да дозволи да се остварат сценарија на опозицијата за двојазичност, федерализација и кантонизација на државата.

 

Викторија Милевска