Коалиција за промени и правда: Унитарна Македонија, стабилност и економски развој

25.11.2016 16:34

Унитарна Македонија, стабилност и економски развој- ветува Коалицијата за промени и правда, предводена од Демократскиот сојуз на Павле Трајанов.

Формирање на над 30 илјади мали фирми во кои ќе можат да се вработат од тројца до петмина невработени стручни кадри, 2 процента од буџетот на Македонија да биде наменет за вработување на млади и други проекти, се само дел од економската програма на коалицијата за промени и правда. На прес- конференција во Скопје, носителот на листата во првата изборна единица, Павле Трајанов наведе и други планирани проекти.

Нашиот став е јасен и чист, ние сме за унитарна Македонија и најенергично ги отфрламе идеите за федерализација и кантонизација или какви било други поделби на државата и граѓаните, порача Трајанов.

Од Прилеп, носителот во четвртата изборната единица, Слободан Богоевски порача дека ќе се направат темелни измени во законодавството. Институциите мора да се демократски, а партиите треба да потпишат протокол за правата на бранителите, велат од Коалицијата за промени и правда.

Плата од 300 евра и минимална пензија од 200 евра, функционери без привилегии, бесплатно здравство за сите граѓани, нов даночен систем ефикасен и праведен, преполовување на бројот за функционерски места во администрацијата, намалување на бројот на пратеници во Законодавниот дом, Македонија дел од Европската унија и НАТО. Ова се приоритетите на Коалицијата за промени и правда.

Во нивната програма порачуваат дека ќе се залагаат за младите да не заминуваат во странство, а способните кадри од странство, менаџери, да се вратат во Македонија и да се развие силно информатичко општество. Ветуваат и нова стратегија за развој на домашните компании. 

 

Ана Јосифоска- Тодоровска