Фијон- претседателски кандидат на Републиканците
Франсоа Фијон со околу 67,2 отсто од гласовите убедливо победи на прелиминарните избори на Републиканците за претседатески кандидат, додека противкандидатот Алан Жупе освои само 32,8 отсто од гласовите. Поранешниот премиер, многумина го гледаат како иден претседател на Франција.

Во изборниот штаб на Франсоа Фијон во Париз, победата беше дочекана со задоволство и со Марсејезата. Малку беа оние кои веруваа дека поранешниот премиер на Никола Саркози ќе излезе како победник од прелиминарните избори за пртседателски кандидат на Републиканците. Фијон, не само што победи, туку и убедливо излезе пред сите други шест кандидати, освојувајќи во првиот круг над 40%, а во вториот над 67% од гласовите.
Поразениот, Алан Жупе, кој сите го гледаа како сигурен победник до пред една недела, не ја криеше горчината за „нечесната и ниска кампања“ на која беше жртва. Сепак, тој собра сили и му честита на Фијон.
„Како што се обврзав, уште од вечерва му ја давам мојата поддршка на Франсоа Фијон. Му поскаувам многу среќа за идната претседателска кампања и победата идниот мај“, рече Жупе.
Двајцата дури и се ракуваа, иако не многу средчено пред камерите.
Победата на Фијон се должи од помошта на Никола Саркози, елиминиран во првиот круг, но пред сѐ од умешноста на Фијон да се прилагоди на очекувањата на избирачите и симатизерите на десницата. Тој најави радикални мерки на штедење од 100.000 евра милијарди во јавните трошоци, намалување на бројот на вработените во јавниот сектор за 500.000. Зголемување на ДДВ-то за 2 поени, како и говорот близок до чуварите на традиционалистичките и католичките вредности на француското општеството.
„Избирачите од центарот и десницата во мојата постапка ги пронајдоа француските вредности, кон кои се приврзани. Вие врендости ќе ги бранам и ќе ги споделиме со сите кои во нивната различност ја сакаат Франција“, изјави Фијон.
Франсоа Фијон, многумина веќе го гледаат како претседател на Франција. Но, и самиот тој добро знае дека беше вистинското изненадување на овие прелиминарни избори на Републиканците. Такви изненадувања можат да се случат и на претседателските избори, закажани за април и мај 2017-та година.
Тони Гламчевски, постојан дописник од Франција за МРТ
