Слободни и фер избори за старт на преговорите за членство во ЕУ
Сојузниот министер за Европа, интеграција и надворешни работи на Австрија Себастијан Курц на средба со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски. Спроведувањето на слободни и фер избори и имплементацијата на итните реформски приоритети ќе ѝ овозможат на Македонија да се врати на патот кој ќе ја води кон отворање на преговори за членство во Унијата, изјави Курц.

Има позитивни сигнали за подобри односи со нашиот јужен сосед, што се однесува на евроинтеграцијата на Македонија, смета австрискиот министер за надворешни, но признава дека дипломатијата е тешка работа. За него, извештајот на ЕК има позитивни и негативни карактеристики, но најважно е сега да има фер и слободни избори рече Курц, а потоа и Брисел да се посвети на отворањето на поглавјата со земјава. Австрија е на второ место според инвестициите со 40 компании во Македонија, рече Попоски.
„Јас долго време не верував дека на крајот на краиштата ќе има термин за избори, но тоа успеа. Навистина како ЕУ сме среќни што тоа конечно се договори, но доколку овие избори се фер и бидат коректно спроведени, тоа ќе биде важен чекор кој исто така ќе се земе во предвид од земјите- членки на Унијата во позитивна смисла“, нагласи Себастијан Курц, сојузен министер за надворешни работи на Австрија.
„Австрија е меѓу најголемите пријатели на Македонија кои се трудат перспективата за членство во ЕУ да ја поддржат- и во тешки и во добри моменти. И ните треба многу да го цениме тоа. Конечно мислам дека треба да имаме балансиран пристап околу политичката слика“, рече вицепремиерот и министер за надворешни работи, Никола Попоски.
Една од главните теми секако се миграцијата и бегалците. Како најава на нов можен бран, официјална Виена смета дека Анкара не го испочитувала докрај договорот со Брисел, поради човековите права, и затоа не може да следува визната либерализација. Попоски пак, одговори дека договорот со Турција мора да се спроведува, пред сѐ поради самата држава. Тоа, вели, е добро и за ЕУ, но и да не се дозволи колапс на Шенген- зоната, кон што се стреми Македонија.
Зоран Богатинов
