Коалиција за промени и правда: Поефикасно и побрзо судство
Коалицијата за промени и правда имаше средби со жители на Скопје, претставен дел од програмата во делот на правосудството...

Правните реформи кои досега се спроведоа во насока на независноста на судството се покажаа недоволни и неефикасни за ослободување на судството од партиските влијанија, оценуваат од Коалицијата за промени и правда. Во својата програма најавуваат генерален реизбор на сите судии и обвинители нивен повторен избор на секои седум години. Само така, како што потенцираа претседателите на ДС и на Фродем на собирот пред Јавното обвинителство, ќе се обезбедат услови за поефикасно и побрзо судство, реално и структурно ослободено од притисоците на дневната политика. Од Коалицијата за промени и правда ветуваат дека ќе направат реформа на казнената политика, при што, велат, најмалку за 50 насто ќе ги намалат казните за физичките лица и фирмите.
Од Коалиција за промени и правда на гласачите им ветуваат дека ќе ги намалат судските такси, кои според нив се доста високи и се движат од 480 до 96 илјади денари. Предложија граѓаните да плаќаат симболична такса од 100 денари, зашто судството се финансира од државниот буџет и нема потреба граѓаните да плаќаат двојно за да ги остварат своите права пред суд. Во предизборниот период од оваа коалиција апелираат граѓаните да ги пријавуваат сите притисоци кои се однесуваат на нивното гласачко право.
Од оваа Коалиција во програмата предвидуваат и создавање на рационална администрација, што подразбира пакет на закони со кои ќе се намали бројот на пратениците од 123 на 90 пратеници, намалување на владиниот кабинет за 5о насто и кратење на бројот на државните агенции и регулаторни тела.
Игор Панов
