Подготвително рочиште за случајот „Тврдина“
СЈО треба да обезбеди дозвола од УБК за користење на класифицираните информации во претресот. Новото рочиштето закажано за 17-ти јануари, одбраната бара да е затворено за јавноста. Одложено судењето за уништување на документацијата од предметот „Тврдина“.

Повеќе од два часа во Кривичниот суд траеше подготвителното рочиште за случајот „Тврдина“. Според одбраната и според судијката, доказите на Специјалното јавно обвинителство наведени во обвинителниот акт треба да се офрлат, бидејќи се класифицирани и за нивна употреба потребна е дозвола од УБК. Побараа и рочиштето да биде затворено за јавноста.
„Всушност изгубивме еден цел ден во судницата заради корекција на процедуралните грешки што ги има направено Специјалното јавно обвинителство кои беа очигледни и всушност неможам да објаснам зошто се направени така. Сѐ што незаконски прибавено бараме одбивање, судот направи отстапка да им дозволи да ги корегираат процедуралните грешки ќе видиме понатаму што ќе се случува“, рече адвокатот Никола Додевски.
Од Специјалното јавно обвинителство се сомневаат дека барањето да обезбедат дозвола од УБК е само начин рочиштето да биде одложено. УБК нема рок да одговори на нивните барања.
„Посочивме дека за судот не е непознато да постапува по класифицирани информации особено што и законот такво нешто не забранува. Од судот бевме задолжени да побараме органот кој што ги издал тие податоци и информации дозвола за тие да можат да бидат искористени во рамки на судската постапка“, рече обвинителката Ленче Ристоска.
На денешното рочиште присутен беше и првообвинетиот, поранешен началник на Петтата управа. Тој и неговите колеги не дозволија медиумите да ги снимаат и фотографират. Специјалното јавно обвинителство ги товари за уништување на службената документација, поврзана со нелегалното преслушување. Следното рочиште кое исто така ќе биде подготвително е закажано за 17-ти јануари.
Андријана Атанасовска
