Продолжуваат превирањата во ССМ

28.11.2016 16:20

Советот на Сојузот на синдикати на Македонија на кој бев едногласно избран за ВД претседател, беше легитимен и очекувам Централниот регистар да постапи по решението изготвено од Министерството за труд и социјална политика, изјави Дарко Димовски- ВД претседател на ССМ, чиј избор го оспорува досегашниот лидер Живко Митревски.

Новиот ВД претседател Дарко Димовски, тврди дека неговиот избор за лидер на ССМ е легитимен, затоа што бил избран едногласно од присутните членови на Советот. Очекува Централниот регистар да го спроведе решението на Министерството за труд и да го потврди изборот.

Во меѓувреме Димовски информира дека преку адвокат поднел кривична пријава против директорот на Централниот регистар, главниот регистратор, регистраторот и отповиканиот претседател. Во официјалната реакција до МТВ, Живко Митревски тврди:

„Станува збор за уште еден фалсификат на печатот на ССМ за што е информирано Обвинителството.Промената врз основа на фалсификувана документација и решението на министерот се стопирани од јавен обвинител, а таканаречениот вд претседател направил уште едно кривично дело на лажно претставување и фалсификување печат“- се вели во дописот на Митревски до МТВ.

 

Свето Николовски