Авион со бразилски фудбалери се урна во Колумбија
Авионска несреќа во колумбија кај градот меделин. Се урна авион со 72 патника и девет члена на екипажот. Во авионот беше и бразилскиот фудбалски тим „Чапокоензе“ кој требаше да учествува во финалето на јужноамериканскиот куп. Противречни информации за седум или десет преживеани.

Авион со 72 патника и девет члена на екипажот, со кој патувале и фудбалери на бразилски клуб се урнал во близина на градот Меделин, во централниот дел на Колумбија. Се уште се утврдува причината за несреќата, иако постои сомнеж дека до трагедијата дошло откако во авионот снемало гориво. Најмалку десет лица се повредени и префрлени во болница, а точниот број на настрадани се уште не е познат.
Спасувачката акција ја попречуваат лошите временски услови, и засега пристапот до местото на падот е можен само по копнен пат.
Авионот од типот Аероспејс 146 полетал од Сао Паоло во Бразил, имал едно запирање во Санта Круз Де Ла Сиера, по што се упатил кон Колумбија. Леталото загубило контакт со контролата на летање нешто по полноќ по локално време и се урнал непосредно пред да слета.
Фудбалерите на бразилскиот клуб „Чапокоензе“ утре требало да играат во Меделин против локалниот клуб „Атлетико насионал“ во финалето на Купот на Јужна Америка. Според последните информации, преживеал фудбалерот Алан Рушел.
Марина Автовска
