Бегалец од Сомалија повреди 11 студенти во Колумбос, Охајо
Во САД, 11 студенти на универзитет во Колумбос, Охајо се повредени од бегалец од Сомалија, кој што се одмаздувал поради третманот на муслиманите. Инцидентот на најголемиот универзитет во Охајо можел да заврши потрагично, доколку универзитетската полиција не реагирала соодветно.

Осумнаесет годишен бегалец од Сомалија повреди 11 студенти на најголемиот универзитет во Колумбос, Охајо. Се очекува сите повредени да преживеат. Абдул Артан најпрво влетал во група пешаци со автомобил, а потоа со месарски нож напаѓал студенти на универзитетот. За помалку од една минута бил запрен од полицаец на универзитетската полиција, којшто го застрелал напаѓачот откако тој одбил да се предаде.
„Имаме сознание дека нападот е направен намерно. Целта на напаѓачот била да се нападнат пешаци со нож“, изјави Крег Стоун, шеф на полицијата на универзитетот Охајо.
Абдул Артан бил роден во Сомалија. Неговото семејство имигрирало во Пакистан, а во 2014-та година легално како бегалци пристигнале во САД. Артан бил студент на универзитетот Охајо, а пред нападот на својот Фејсбук профил напишал дека муслиманите се третираат лошо поради нивната религија.
Властите истражуваат дали напаѓачот имал контакти со терористички организации, но познат е мотивот за нападот, одмазда за третманот на муслиманите.
Една од заложбите на новоизбраниот претседател Доналд Трамп е поостра контрола на бегалците и забрана за прием на лица од држави како Сомалија што поддржуваат тероризам.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
