Обезбедени 2,6 милиони садници за утрешниот Ден на дрвото
Акцијата ќе се спроведува на 60 локации во 30 подружници (катастарски општини), а за пошумување ќе се користат црн и бел, бор, багрем, јасен, јавор, чемпрес, аризонски чемпрес, смрча, дуглазија, даб, питом костен, дива круша, црн орев.

Вкупно 503,89 хектари со 2.611.143 милиони садници ќе бидат пошумени со утрешната, 17-та акција „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“.
Како што информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), акцијата ќе се спроведува на 60 локации во 30 подружници (катастарски општини), а за пошумување ќе се користат црн и бел, бор, багрем, јасен, јавор, чемпрес, аризонски чемпрес, смрча, дуглазија, даб, питом костен, дива круша, црн орев.
За потребите на ЗЕЛС и пооделно за единиците на локалната самоуправа се обезбедени 1.350.568 садници, од кои 1.000.568 за Скопје, урбаните делови на општините и на страничните делови на обиколницата на главниот град, 150.000 за Битола од кои 200 за урбаниот дел на градот, 100.000 за Тетово од кои 100 за урбаниот дел, како и 100.000 за Кичево од кои 100 за урбаниот дел на градот.
Според МЗШВ, дополнително, по 2.000 леандри (вкупно 4.000) ќе бидат засадени покрај автопатот Демир Капија - Смоквица и во општина Дојран, а обезбедени се и 300 декоративни садници од кои 150 (четинари повисоки од 130 сантиметри) за Здружението на граѓани „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“.
