76 жртви во авионската несреќа во Колумбија

29.11.2016 12:32

Авионска несреќа во Колумбија кај градот Меделин. Се урна авион, загинаа 76 луѓе, петмина ја преживеаја несреќата, соопштија полициските власти. Во авионот беше и бразилскиот фудбалски тим „Шапикоенсе“ кој требаше да учествува во финалето на јужноамериканскиот куп. Првичните информации за причината на уривањето се проблеми со електричните инсталации со леталото.

Колумбиската полиција соопшти дека 76 лица загинале кога урнал авион со 81 патник и екипаж меѓу кои биле и фудбалери од бразилскиот клуб „Шапикоенсе“. Директорот на полицијата Хозе Асеведо Оса изјави дека 6 лица преживеале, но подоцна било соопштено дека едно од нив починало во болница.

„Ова е ужасна ситуација. Мораме да потврдиме дека авионот со фудбалерите се урнал. Ова се многу тажни вести. Наше сочувство до семејствата на жртвите и пријателите“, изјави Федерико Гутиерез, градоначалник на Меделин.

Спасувачката акција била стопирана поради силниот дожд. Сѐ уште се утврдува точната причина за несреќата. Во меѓувреме било соопштено дека авионот прогласил тревога во 22 часот по локално време и дека бил пријавена механички дефект.

Авионот од типот Аероспејс 146 полетал од Сао Паоло во Бразил, имал едно запирање во Санта Круз Де Ла Сиера, по што се упатил кон Колумбија. Леталото загубило контакт со контролата на летање нешто по полноќ по локално време и се урнал непосредно пред да слета.

Фудбалерите на бразилскиот клуб „Шапикоенсе“ утре требало да играат во Меделин против локалниот клуб „Атлетико Насионал“ во финалето на Купот на Јужна Америка.

 

Марина Автовска