Рамен или прогресивен данок- експертите со поделени ставови

29.11.2016 14:23

Предизборието ја отвори дебатата дали на Македонија повеќе ѝ одговара рамен или прогресивен данок. Политичките партии и економските експерти се со поделени ставови околу даночниот концепт. Дел сметаат дека рамниот данок е соодветен за земјава и ги даде очекуваните ефекти, додека други тврдат дека е погрешен и е потребно воведување прогресивни даноци.

Дали рамниот или прогресивниот даночен концепт е посоодветен за граѓаните? Како и за сѐ друго, мислењата на експертите и партиите со поделени. Ги фалат предностите на нивниот концепт, но препорачуваат, освен стапките, да се земат предвид и други елементи поврзани со оданочувањето.

„Рамниот данок даде многу добри бенефити во нашата држава. Со реформата која се одвиваше во 2007-2008 година се виде дека може да се намалуваат даночните стапки, а истовремено да се зголемуваат даночните приходи“, вели Борче Смилевски, претседател на Центарот за даночна политика.

Прогресивното оданочување претпоставува подобрена правичност и фер оданочување што би требало да носи поголеми даночни приходи, но треба да се види со кои мерки и како да се воведе даночната прогресија, смета Смилевски.

„Воведувањето на рамниот данок и ефектите од него во Република Македонија може слободно да ги оцениме како неуспешен проект. Мора да се вратиме на прогресивното оданочување, како што е во доминантните земји на ЕУ, пред сѐ како што е во Словенија и во Хрватска“, смета Славко Лазовски, даночен експерт и член на ЦДП.

Според Лазовски, рамниот данок не ги покажал своите ефекти, пред сѐ во сузбивење на сивата економија и во делот на спречување на даночната евазија. Кога е во прашање пензискиот систем, проблем е само дефицитот во првиот столб, додека вториот е преполн, вели Лазовски. Не треба да се бара решение преку зголемување на стапката на придонесот или подигање на старосната граница, затоа што дефицитот ќе почне да се санира релативно брзо, а не до 2030-та како што вели ММФ, смета Лазовски.

 

Свето Николовски