Авионска несреќа во Колумбија: Најден уште еден преживеан, 75 загинати

29.11.2016 14:36

75 лица загинаа кога урна авион со 81 патник и екипаж меѓу кои биле и фудбалери од бразилскиот клуб „Шапикоенсе“ кои утре требало да играат во Меделин против локалниот клуб „Атлетико Насионал“ во финалето на Купот на Јужна Америка.

Колумбиската полиција соопшти дека бил пронајден уште еден преживеан патник во авионската несреќа во градот Меделин. 75 лица загинаа кога урна авион со 81 патник и екипаж меѓу кои биле и фудбалери од бразилскиот клуб „Шапикоенсе“ кои утре требало да играат во Меделин против локалниот клуб „Атлетико Насионал“ во финалето на Купот на Јужна Америка. Според медиумите задниот дел на авионот бил целосно уништен, и дека е можно да се лоцираат само крилата и предниот дел на леталото.

„Ова е ужасна ситуација. Мораме да потврдиме дека авионот со фудбалерите се урнал. Ова се многу тажни вести. Наше сочувство до семејствата на жртвите и пријателите“, изјави Федерико Гутиереш, градоначалник на Меделин.

Сѐ уште се утврдува точната причина за несреќата, откако претходно во медиумите се појавија повеќе различни сценарија. Според едното на авионот му снемало гориво, додека според друго, имал технички проблеми поради што морал принудно да слета во Боливија.

„Очигледно дека во ваквиот тип на истраги не можеме да ги отфрлиме другите причини, покрај прелиминралните информации за технички проблеми кај леталото. Исто така значајни ќе бидат и сведочењата на преживеаните. Сепак, ќе има истрага“, изјави Алфредо Боканегра, директор на Цивилната авијација.

Авионот од типот Аероспејс 146 полетал од Сао Паоло во Бразил, имал едно запирање во Санта Круз Де Ла Сиера, по што се упатил кон Колумбија. Леталото загубило контакт со контролата на летање нешто по полноќ, по локално време и се урнал непосредно пред да слета.

Марина Автовска