Тачи: Гласот за малите партии е изгубен глас
Демократската партија на Албанците попладнево е во Боговиње. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, синоќа се обрати пред партиските симпатизери во струшко Велешта...

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи пред членовите и симпатизери во Велешта ја претстави политичката платформа со која ќе настапат на предвремените парламентарни избори на 11-ти декември. Повикувајќи ги присутните да гласаат за неговата партија, Тачи истакна дека гласот за малите партии е изгубен глас. Тачи рече дека сака да ја образложи париската платформа пред оние кои што сѐ уште не се определиле за кого ќе гласаат и на оние Албанци кои сметаат дека состојбите не можат да се сменат со нивниот глас
„Гласот е една многу значајна работа, што на еден човек, или на еден народ може да му го направи животот бел или црн. Гласот даден на 11-ти декември од Албанците ќе го осветли ова црно време на 15 годишното владеење на ДУИ и на Али Ахмети. Затоа имаме два главни столба во платформата, кои се добро познати и што во последно време се имитираат од други партии. Но копијата е секогаш полоша од оригиналот. Првиот столб се однесува на тоа дека ние Албанците од Македонија треба конечно да имаме позиција не на баратели на правата математички едно по едно, туку еднаш за секогаш и тоа колективно. Механизмот кој ќе го забрза или ќе го гарантира тоа етничко национално право е механизмот на целосен консензус во интитуциите на системот, така што Парламентот да функционира како дводомен, каде нема да може да има надгласување“, рече Тачи.
Вториот столб додаде Тачи се однесува на итното подобрување на економската состојба на албанското семејство кое се наоѓа пред пропаст. Поради тешката финансиска положба кај Албанците кои останале во државата се случува егзодус. Затоа, рече Тачи, со нивната платформа ќе се залагаат за рамномерна распределба на буџетот и Албанците да имаат еднакви услови за живот со Македонците.
Во Велешта, ДПА го промовираше и носителот на листата за петтата изборна единица Адриан Усеини. „Да ви го честитам денот на знамето, знамето кое секогаш било предзнак на нашата партија, чиј поборник пред сите беше нашиот лидер, Тачи. Велешта е селото кое секогаш и велеше- да- на националната алтернатива каква што е и платформата на ДПА“, рече носителот на листата од оваа изборна единица Адриан Усеини.
„Сега доаѓаме од Битола, Ресен, од Охрид, каде што говоревме за платформата на ДПА. За тоа како ДПА во својата економска програма предвидува мерки за подобрување на економската состојба на Албанците. Говоревме и за тоа како преку нашиот глас да им кажеме НЕ на клеветите, лагите, и на измамите и да гласаме за бројот два, за нашата алтернатива. Да победиме за да се подобри состојбата на сите Албанци, воедно да бидат преставени нашите барања, да биде претставен албанскиот народ“, рече Усеини.
ДПА вечерва одржува митинг во Боговиње, во шестата изборна единица.
Фиљана Кока
